Профил на општината

Територијата на Oпштина Ранковце се наоѓа во североисточниот дел на Република Македонија.
Таа го зафаќа просторот на Славишко Поле, кое му припаѓа на славното подрачје на Крива Река.
Спаѓа во групата на средно големи општини и се граничи со општините Крива Паланка, Кратово, Клечевце, Стaро Нагоричане и на север со општината Трговиште – Република Србија.

Општина Ранковце има значајна  геостратешка положба бидејки на север граничи со Република Србија   и индиректно на само 30 км преку Општина Крива Паланка  се граничи со Република Бугарија. Низ неа минува значајниот патен правец кој го поврзува јужниот дел на Балканот со Истамбул и Мала Азија денес познат како коридор исток-запад.

Сообраќајно е поврзана со магистралниот пат на  југозапад со Куманово (50км) и со Скопје (80км), на исток со Крива Паланка (20км) со тоа и кон североисток преку граничниот премин  Деве Баир со Ќустендил (60км) Република Бугарија и на  југ со Кратово (25км) од тука може да се заклучи дека нејзината комуникациска положба е задоволителна.

Општина Ранковце претставува природна, географска и економска целина на 18 населени места од кои 3 се рамничарски, 9 се од ридски тип и 6 се планински, зафаќа површина од 242,55км² седштето на Општинскиот центар е лоцирано во Ранковце и спаѓа во групата на средно големи општини.