Реки

Разликите во релјефот, геолошкиот состав, надморската висина, климата и пошуменоста дејствуваат како фактори кои условиле значителни разлики во хидрографските прилики помеѓу планинското подрачје и Славишкото поле.

Првото подрачје планинското изобилува со извори и од Герман планина и од Осоговските планини.

Осоговијата е богата со извори, потоци и реки.

Ова богатство се должи на релативно големата надморска висина и геолошкиот состав. Најмногу се јавуваат во деловите каде што се застапени кристалести шкрилци.

Најсилен е Тураничкиот извор на надморска висина од 1800m.

Силни се и изворите на Царев врв (извор на Крива Река), Бела Вода, Калин камен и др.

Крива Река извира во подножјето на Царев врв од силен извор на н.в. 1800m, а се влева во Пчиња кај с. Клечовце на н.в. 295 m.

Долга е 85 km, има површина на слив до 985 km2  и просечен пад од 186‰.

Целата општина Ранковце и општина Крива Паланка претставува сливно подрачје на Крива Река.

Минувајќи низ стрмен и тревнат предел ги собира повеќето извори што слеваат низ шумскиот појас.

Низ текот ги собира реките: Киселичка река, Криљанска река и Дурачка река.

Од изворитето до с.Псача има тесно клисуресто корито.

Оттаму влегува во Славишко поле и има животно значење за ова плодородно поле, тука навлегува и на територијата на општина Ранковце.

Маштеница (8km) која извира под врвот Лисец (1527m) н.в. а се влева во Крива Река кај с.Псача на н.в. 640 m.

Потоа помали потоци и рекички со пороен карактер: Одренска река, Буин дол и Опилска река.

Од северната страна т.е. од планината Герман која е позната по многубројни извори бидејќи е изградена од кристалести шкрилци кои се богати со извори.

Позначајни изворите: “Корито”, “Јанина вода”, “Селиште”, “Чашка”, “Мишин кладенец” итн.

Рашка (Петраличка) река која извира во с. Петралица на н.в. 1540 m, а се влева на излез од клисурата “Просеченик” на Крива Река, кај с.Псача на н.в. 640 m. Долга е 12 km.

Ранковачка река е карактеристична по тоа што настанува од две рекички кои се спојуваат во с. Ранковци.

Двете рекички кои се обединуваат во Ранковачка река се: Одревица која извира на н.в. 1300 m во с. Герман и Кривикаменска река која извира на н.в. 1000 m во с.Кривикамен.

Ранковачка река се влива во Крива Река кај с. Опила на н.в. 500 m. Долга е 22 km.

Река Ветуница извира во с. Паклиште на н.в. 1200 m се влева во Крива Река кај с. Ветуница на н.в 500 m.

Оваа река е долга 15 km  и ги собира помалите потоци од с. Отошница.

За оваа река е карактеристично што е изградена мала вештачка акумулација во с.Отошница наменета за наводнување на дел од Славишко поле.

Река Блидеш е последната река која се влева во Крива Река од територијата на општината Ранковце.

Извира во с. Враногрнци на н.в. 600 m и се влева во река Ветуница непосредно пред вливот во Крива Река на н.в 500 m.

Нејзината должина е 8 km.