Почетна
Баба Цана прослави стоти роденден PDF Испечати E-mail адреса
17.11.2011.
http://rankovce.gov.mk/web/images/stories/Sliki/p1030322.jpg

Стогодишната Стана Николовска се уште сама готви, меси зелници и пити, леб под вршник, лете подработува во бавча, чува кокошки и зајачиња, а секој ден сама си носи и вода до своето живеалиште.

Подарок бесплатен приклучок за вода и бесплатно користење од Општина Ранковце доби за својот 100-ти роденден најстариот жител баба Стана Николовска. Од Општината велат дека таа досега е единствениот жител од оваа општина, кој доживеал 100-годишна старост.

         http://rankovce.gov.mk/web/images/stories/Sliki/p1030291.jpg       http://rankovce.gov.mk/web/images/stories/Sliki/p1030313.jpg      Kако локална самоуправа ни беше многу драго што имаме 100-годишен жител и затоа сакавме со некој убав гест да го одбележиме овој настан. Бидејќи дознавме дека баба Стана нема вода во својот дом и дека секој ден ја носи во туби од кај своите роднини, одлучивме дека решавањето на овој проблем ќе биде најубав подарок за неа. Исто така, со одлука на Советот на Општината, ќе и подариме и 10.000 денари. Ова ќе го практикуваме и за останатите жители, а веќе ги имаме уште 5-6 кои се во деветтата деценија од животот и тоа го сметаме за гордост - истакна градоначалникот на Ранковце, Орце Тодоровски, по повод прославата на роденденот на баба Стана за која, вели, дека му е особено мило што е по потекло токму од неговото село Отошница.

Многу внуци и правнуци

Роденденската прослава, во неговиот дом, ја организираше нејзиниот зет Цене Поповски, сопруг на нејзината ќерка Светлана, кој ја израдува својата баба со убава роденденска торта.


- Цене најмногу ме чува, Светлана и така и така, попргава е - рече славеничката.

Нејзиниот зет пред 4 години и ја дал на баба Стана својата празна куќа во Ранковце за да не живее осамена во планинското и оддалечено село Герман. Стогодишната бабичка, која е витална, здрава и изгледа повеќе од 20-ина години помлада, пред 43 години останала без својот сопруг, ги израснала 6-те деца, а 26 години живеела сосем сама во Герман. Денес 5 од нејзините деца се живи, а има уште 18 внуци, 27 правнуци и 3 чукунвнуци. Во Ранковце живее и нејзината ќерка Елица, а останатите се во Kуманово и во Србија.


- Сега е најубаво. Другите те гледаат, ти берат дрва, ти купуваат леб. Само Бог знае како ќе биде, може уште вечерва да скинам - одговара баба Стана на нашето прашање која е тајната на нејзината долговечност.
Таа се уште сама готви, дури и меси зелници и пити, леб под вршник, лете подработува во бавча, чува кокошки и зајачиња, а секој ден сама си носи и вода до своето живеалиште. Не води сметка како се храни, освен што редовно пие козјо млеко и многу малку јаде месо.

Супербабичка

- Откако ја знам, а тоа се 26 години кога се зедовме со нејзината ќерка Светлана, таа е иста, јас стареам, таа не. Никогаш не сме се скарале. Во Герман немаше услови да живее, ја доведов тука, и нека ми поживее уште 50 години - вели зетот Цене, кој беше највозбуден од целото семејство.

Баба Стана е дружељубива, а најубаво и е вели со нејзиното семејство.

- Што има да се „свирам“ по комшии. Си имам работа, а кога ми треба друштво си доаѓам кај своите деца, внуци. Со нив ми е најубаво - вели старицата.

На роденденот, покрај ќерките Елица и Светлана, беа и неколку нејзини внуци, кои имаат само најубави зборови за својата баба.

- Таа е супербабичка. Заедно си пиеме кафе наутро и си правиме муабет. Најмногу и беше потребна водата, да не се мачи, и затоа многу и благодариме на општината - вели нејзиниот внук Далибор Поповски.

Баба Стана сама ја пресече роденденската торта, ја дувна свеќичката, а кога и рековме да си замисли желба само одмавна со раката.

- Одамна замина тоа што го посакував. Многу рано ми отиде домаќинот, а многу, многу ме чуваше, не е како денешните - одговори виталната бабичка.

На заминување гостите и посакаа да го дочека и 110-тиот роденден, а таа ги повика повторно да дојдат да ја посетат.

Последно ажурирање ( 18.11.2011. )
 
< Претходно   Следно >

Инфо

Општина Ранковце

Поштенски Број 1316
тел. 031/380 444
факс 031/380 444
e-mail: Оваа адреса на е-пошта е зашититена од спем-ботови, потребно е да го вклучите Javascript-от за да ја погледнете
Ранковце:
°
0

Скопје:
°
0

Линкови

Зелс

Локална самоупрва

Влада на Република Македонија

Собрание на Република Македонија

Македонија во ЕУ

skopjediem

krivapalanka.info


http://rankovce.gov.mk/web/images/stories/makedonski_zeleznici.png