Општина Ранковце лежи во Славишко поле, а од север и југ ограничена со планинските масиви. Овие орографски карактеристики имаат битно значење врз формирање на посебна локална клима. Климата е умерено - континентална што се должи на географската диспозиција и на извесните влиајнија кои навлегуваат од Егејот преку Крива Река. Високите делови на Осогово и Герман планина се под влијание на планинска клима. Просечната годишна температура изнесува 10,2ОС и е за 1,6ОС пониска од просечната годишна температура во Куманово, а за 2,6ОС од температурата во Скопје. Во текот на годината најтопол месец е јули со просечна температура 20,0ОС додека пак најстуден месец е јануари со просечна вредност 0,3ОС. Просечното температурно колебање изнесува 20,3ОС кое е помало од Куманово и Скопје што се толкува со поголемата надморска висина. Просечната максимална температура е 15,9ОС. Највисоката максимална температура е 37,3ОС забележана на 25 јули 1987 год.
Од кажаното може да се констатира дека климата се одликува со: умерено-ладна зима; умерено-топло лето; свежа пролет; и релативно топла есен. Во Ранковачката област климатските услови се погодни за овоштарство, градинарство и житарици.Во споредба со другите области што ја опкружуваат оваа област добива значителна количина врнежи. Годишната количина е 633,5 mm. Минимумот е во ноември, а максимумот е во мај со 81,5mm. Просечниот датум на првиот снежен покривач е 30 ноември. Најраниот снежен покривач се јавува на 17 октомври, а најдоцниот датум е на 26 април. На планините снегот се задржува до јули.
Во оваа подрачје дуваат ветрови од сите страни. Славиште е со најмала зачестеност на тишините со 47%. Дуваат: југозападен, северен, јужен, југоисточен и источен ветар. Најзастапен е југозападниот ветар со 219‰, со годишна брзина 2,9m/s, а максимална 19,0m/s. Се јавува во текот на целата година. Поради големата зачестеност на ветрови маглата е ретка појава. Просечно се јавуваат 10-12 денови со магла главно од ноември до февруари |