Петралица

Населбата се наоѓа на источниот дел на општина Ранковце од десната страна на Крива Река на магистралниот пат кој води кон Република Бугарија.

Селото е рамничарско ридско со густо населена населба покрај магистралниот пат и маала од растурен тип во повисоките делови.

Од општинскиот центар е одалечено 5 km и има солидна комуникацијска поврзаност со околните места и општината т.е. во селото има автобуска постојка со околу 12 автобуски врски дневно од регионален и локален карактер.

Историските податоци за селото покажуват дека тоа потекнува од доцното античко време на што укажува постоењето на археолошките наоѓалишта Градиште, Дубрава и Кутлев крст.

Според податоците од пописот од 2002 година во селото живеат 669 жители од кои 667 со македонско етничко потекло, еден србин и еден со останато етничко потекло.

Сите припаѓат на православната христијанска религија.

Просечната густина на населението е 25 жители на km².

Атарот на селото зафаќа простор од 44,2 km² со што е најголемо село по површина во општината.

Зафаќа дел од обработливите површини на Славишко поле што покажува дека селото има земјоделска функција со солидна земјоделска механизација.

Во селото нема објекти од стопански карактер, а од објекти од општествен карактер и јавни објекти има подрачно основно училиште, пошта како и Месна канцеларија.

За населбата која се наоѓа во близина на магистралниот пат има изготвен урбанистички план.

Главната улица која води до повисоките делови на селото е нецелосно асфалтирана, не се асфалтирани ни споредните улички во населбата што покажува дека патната инфраструктура треба да се подобри.