Архива за авторот: rankovce

Петралица

Населбата се наоѓа на источниот дел на општина Ранковце од десната страна на Крива Река на магистралниот пат кој води кон Република Бугарија.

Селото е рамничарско ридско со густо населена населба покрај магистралниот пат и маала од растурен тип во повисоките делови.

Од општинскиот центар е одалечено 5 km и има солидна комуникацијска поврзаност со околните места и општината т.е. во селото има автобуска постојка со околу 12 автобуски врски дневно од регионален и локален карактер.

Историските податоци за селото покажуват дека тоа потекнува од доцното античко време на што укажува постоењето на археолошките наоѓалишта Градиште, Дубрава и Кутлев крст.

Според податоците од пописот од 2002 година во селото живеат 669 жители од кои 667 со македонско етничко потекло, еден србин и еден со останато етничко потекло.

Сите припаѓат на православната христијанска религија.

Просечната густина на населението е 25 жители на km².

Атарот на селото зафаќа простор од 44,2 km² со што е најголемо село по површина во општината.

Зафаќа дел од обработливите површини на Славишко поле што покажува дека селото има земјоделска функција со солидна земјоделска механизација.

Во селото нема објекти од стопански карактер, а од објекти од општествен карактер и јавни објекти има подрачно основно училиште, пошта како и Месна канцеларија.

За населбата која се наоѓа во близина на магистралниот пат има изготвен урбанистички план.

Главната улица која води до повисоките делови на селото е нецелосно асфалтирана, не се асфалтирани ни споредните улички во населбата што покажува дека патната инфраструктура треба да се подобри.

П’клиште

Ова село се наоѓа во крајниот северозападен дел на општина Ранковце.

Aтарот на селото се протега до општина Старо Нагоричане и граничната линија со соседна Република Србија.

Се наоѓа на надморска висина од 1150 до 1250 метри, со куќи од расштркан тип.

Од општинскиот центар е одалечено околу 20 km и до селото води асфалтиран пат.

Населбата потекнува од доцно античко време што се гледа од локалитетите Селиште и Градаш.

Бројот на населението во оваа село отсекогаш бил мал, а денес е на прагот на тотално иселување, односно во селото според последниот попис живеат само 30 жители.

Сите се македонци, а по вероисповед се православни христијани.

Селото има претежно поледелско шумарска функција, најмногу се одгледува компир и житарици, а од стока се одгледуват претежно овци и говеда.

Во селото не постојат објекти од општествени и стопански стандарди.

Нема водоводна мрежа, а населението со вода за пиење се снабдува од  природни извори и чешми.

Отошница

Отошница се наоѓа на крајниот западен дел на општина Ранковце и со атарот допира до општина Старо Нагоричани.

Населбата се протега до подножјето на планината Герман и има ридско-планински карактер.

Од општинскиот центар е одалечено 5 km.

До селото има асфалтен пат што значи дека е солидно поврзано со останатите центри, но не е поврзано со директен автобуски превоз.

Селото потекнува од доцното античко време на што укажуваат пронајдените археолошки локалитети: Аниште, Градиште, Лиске, Магила и други и е од разбиен маалски тип.

Тука, според пописот од 2002 година, живеат 105 жители и по етничка структура сите се македонци.

Преовладува работоспособно население.

Атарот на ова место не е многу голем и зафаќа простор од околу 14,8 km².

Селото има полјоделско-сточарска функција,а од сточниот фонд преовладуват говедата и овците.

Во селото има Црква која датира од 19 век – Св. Јован.

Стопански објекти во селото нема, како ни услужно-угостителски објекти.

Од објекти со општествени стандарди има четиригодишно училиште со мал број на ученици.

Од посебно значење за селото е изградбата на вештачката акумулација на Отошничка река која е наменета за наводнување но во летниот период е доста посетена од локалните жители и жители од други места т.е. има и рекреативна намена.

 

Опила

Населбата се наоѓа на крајниот јужен дел на општината на левата страна на Крива Река.

Еден дел од селото се протега во рамничарскиот предел додека другиот се протега на Осоговските планини и е од ритско – рамничарски тип.

Од општинскиот центар е одалечено 1 km.

Има поволна географска положба бидејки се наоѓа на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка и е во добра собраќајна поврзаност со околните места.

Селото потекнува од доцно античко време што може да се види и од постоењето на поголем број археолошки локалитети :Градиште, Селиште, Пашина падина и други.

Во селото денес живеат 269 жители од кои најголем процент е работоспособно население.

По етничка припадност само еден се декларирал како србин, а сите останати се македонци и сите припаѓаат на православна вероисповед.

Селото има полјоделско сточарска и шумарска функција и е солидно снабдено со механизација.

Нема објекти од општествени стандарди ниту стопански објекти.

Нема водоводна мрежа но се прават напори за решавање на тој проблем.

Одрено

Селото се наоѓа во јужниот дел на општина Ранковце во подножјето на Осоговските планини од левата страна на Крива Река.

Низ него протекува и малата Одренска река.

Атарот на селото зафаќа и дел од Славишко поле и е од ридско-планински маалски тип.

Од општинскиот центар е одалечено 4 km и е со солидна собраќајна поврзаност.

Од автобуска станица во село Петралица е одалечено 1 km, меѓутоа патот што води до селото не е целосно асфалтиран.

Од податоците на заводот за статистика од 2002 год. се гледа дека во селото живеат 131 жител и тоа најголем број работоспособни.

По етничка структура освен македонци кои се 130 има и еден србин, а по религија сите се православни христијани.

Селото има полјоделско-шумарска функција, нема стопански ниту услужно-угостителски објкти, а од објекти од општествени стандарди има само 4 год. училиште.

<p

Милутинце

Се наоѓа на средишниот – северен дел на општина Ранковце и е од ридски и расштркан тип.

Од општинскиот центар е одалечено 7 km и не е во добра собраќајна поврзаност со останатите населби.

До него води колски пат кој е одалечен 4 km од магистралниот пат.

Во минатото било средно, а денес спаѓа во мали села.

Иселувањето се должи на непогодните услови за живот.

Брои некаде околу 72 жители и во него преовладува старо население што се должи на миграцијата.

Селото има претежно сточарско полјоделска функција и во него не постојат објекти од стопанско и општествено значење како ни услужно – угостителски објекти.

Во селото не е решен ни проблемот со водоснабдување.

Љубинци

Селото се наоаѓа на средишниот дел на Славишко поле од десната страна на Крива река и е од рамничарски тип.

Од општинскиот центар е одалечено околу 2 km и е во добра комуникациска поврзаност бидејки населбата е сконцентрирана од двете страни на магистралниот пат Куманово – Ранковце – Крива Паланка.

Бројот на населението има тенденција на пораст во последните неколку години.

Од пописните податоци 2002 год. се гледа дека во селото живеат 164 жители од македонски етникум и православна религија.

Во селото преовладува обработливо земјиште што значи дека има полјоделство функција.

Општествени и стопански објекти во селото нема.

Исто така нема водоводна и канализациска мрежа но постојат проектни идеи за решавање на истите.

Криви Камен

Селото се наоѓа на северниот дел на Општина Ранковце, од општинскиот центар е одалечено 9 km и не е во добра собраќајна поврзаност со Општината и околните места.

До селото води колски пат кој не е во добра состојба, што е и една од причините за миграција на населението кое во 1961 броело 237, а сега само 23 жители кои се од македонски етникум и православна религија.

Од атарот на  селото најголеми површини се под шуми па според тоа селото има шумарско-полјоделска функција.

Во селото нема објекти со општествени и стопански стандарди ниту водовод.

Со вода населението се снабдува од природни извори.

Оваа село е последно село во Општината кое е електрифицирано дури во 1998 год.

Гулинци

Селото се наоѓа на крајниот западен дел на територијата на општината и е од расштркан маалски тип.

Атарот се граничи со Општина Старо Нагоричане.

Од општинскиот центар е одалечено 7km и не е во добра соoбраќајна поврзаност со Општината и околните населени места.

Затоа во селото е силно изразена миграцијата, што и потврдува податокот дека во 1961год. броело 309 жители, а во 2002 год. 19 жители.

Објекти со општествени стандарди, стопански и услужни објекти во селото нема, а населението се занимава претежно со полјоделство и сточарство од мал обем.

Со вода за пиење населението се снабдува од природни извори.

Герман

Герман се наоѓа во крајниот северен дел на територијата на Општина Ранковце чиј атар допира до државната граница на Република Србија и на другата страна до Општина Старо Нагоричане.

Оваа село е високопланинско и од растурен тип.

Од општинскиот центар  е одалечено околу 20 km.

До селото води асфалтен пат што покажува дека е во добра комуникациска врска со општината и околните места.

Населбата потекнува од доцно античко време од кој период се и локалитетите: Селиште, Манастириште, Градиште итн.

Во Герман живеат 311 жители од кои најголем број се Македонци – 301 и 10 Срби и сите припаѓат на православната религија.

Во селото преовладува работоспособно население, кое се занимава со сточарство, полјоделство и шумарство.

Нема стопански објекти, а од општествени има основно училиште, амбуланта и караула затоа што е погранично место.

Исто така има и услужни објекти 2 продавници и 1 угостителски објект.

Со вода се снабдуват од извори поради немање водоводна мрежа.

Миграцијата од ова село е доста изразена.

Гиновци

Се наоѓа на јужниот дел на Славишко Поле недалеку од магистралниот пат Куманово-Ранковце-Крива Паланка, што покажува дека комуникациски е добро поврзано.

Од општинскиот центар е одалечено 4 km.

Во непосредна близина на селото тече Крива река (на околу 500 м).

Селото е од рамничарски тип и изобилува со квалитетни земјоделски површини и затоа е погодно за земјоделско производство.

Во селото живеат 311 жители и тоа: 304 македонци, двајца срби, четири роми и еден кој се декларира као останато.

Според религиозната структура припаѓа на православната религија.

Во однос на стопанските карактеристики ќе кажеме дека ова село е едно од ретките села кое изобилува со стопански објекти и тоа: Бентомак, Малина, Живинарски фарми и ОП Осогово.

Постои и мотелот-ресторан со бензинска пумпа – Кратер и еден спортско-рекреативен-риболовен центар Парк.

Во селото нема објекти од општествени стандарди освен 4годишно училиште кое денес не работи.

Поголем дел од селото е урбанизиран со канализациска и водоводна мрежа кој проблем е решен неодамна(2005 г.).

Ветуница

Населбата се наоѓа во крајниот југозападен дел од територијата на Општината, сместена е од десната страна на Крива Река и низ селото поминува малата Ветуничка река.

Селото е од растурен маалски тип, потекнува од доцното античко време, од кое е и потеклото на археолошкиот локалитет Грамади.

Населбата лежи непосредно на магистралниот пат Куманово-Ранковце – Крива Паланка што значи дека е во добра комуникативна положба со околните населени места.

Одалечена е од Општината 2 км. и има автобуска станица која се наоѓа на околу 600 м од центарот на селото.

Во селото преовладува старо население кое претежно се занимава со полјоделство и сточарство, во селото не постојат објекти од општествени стандарди (школо, амбуланта, пошта и сл.) ниту пак стопански објекти.

Во поглед на инфраструктурата селото има солидна патна мрежа, електрична енергија постои од 1970 година додека проблемот со водоснабдување е решен неодамна (2005 год).

Селото според податоците од последниот попис има вкупно 57 жители.

Во однос на етничката припадност во селото живее само македонско население.

Вржогрнци

Населбата се наоѓа во крајниот западен дел на Општината, нејзиниот атар граничи со Општина Кратово и Клечовце.

Од Општинскиот центар е одалечено 7 km а од магистралниот пат 5 km и има солидна поврзаност со соседните населби.

Населбата е од растурен маалски тип и потекнува од доцно античко време за што говорат и локалитетите од тој период: Блидеж и Лутавчина.

Во селото има само 29 жители кои и припаѓат на македонската етничка целина.

Населението претежно се занимава со сточарство и во селото нема објекти со општествени стандарди,ниту пак стопански објекти.

Населението не располага со голем сточен фонд и механизација, ниту со поволни инфраструктурни услови, со вода се снабдува од извори и бунари сето ова има доведено до силна миграција на населението која тенденција продолжува.

Баратлија

Конкретни податоци за оваа село нема  бидејки истото се смета како да е дел од село Петралица, неговиот атар и другите податоци се во склоп на с. Петралица.

Може произволно да се каже дека селото е ритско-планинско и од разбиен маалски тип , со  маали кои се протегат на поголема надморска висина.

Во минатото во селото е забележана силна миграција кон поголемите урбани средини , а во последните неколку години  кон пониските предели околу магистралниот пат Куманово-Крива Паланка претежно во село Петралица.

Според податоците од пописот во 2002 год. во Баратлие живеат 39 жители сите од македонско етничко потекло  и со православна вероисповест.

Патната инфраструктура не е на задоволително ниво, бидејки патот е земјан и изложен на атмосферските влијанија и покрај честите поправки е во лоша состојба или непрооден.

Во селото не постојат стопански и објекти од државен карактер, како ни услужни објекти.

Известување до граѓаните

Почитувани,

Центарот за развој на Североисточниот плански регион и УСАИД Проектот за експанзија на мали бизниси имплементиран од Карана Корпорација во рамките на проектот “Воведување и спроведување на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот во Североисточниот плански регион”, на 03-ти јуни 2014 година (вторник ) со почеток во 12:00 часот во салата на Совет на Општина Ранковце ќе организираат инфо ден на тема: “Воведување и спроведување на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот”.

На овој настан ќе присуствуваат претставници од јавен, приватен и граѓански сектор од општината Ранковце , пред кои ќе се презентираат бенефитите и можностите кои се нудат со спроведувањето на ЛЕАДЕР пристапот во регионот.

Целта на инфо денот е учесниците да се запознаат со принципите и карактеристиките на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот како мерка од ИПАРД програмата преку која во иднина со нивно учество ќе можат да се спроведуваат проекти во руралните средини.

За дополнителни информации можете да контактирате со Данијела Трајковиќ координатор на проект во Центарот за развој на Североисточниот плански регион, на телефонскиот број 031 424 878 или преку електронска пошта на danijela@northeastregion.gov.mk.